Сениорската репрезентација на Македонија го доживеа вториот пораз во квалификациите за Европското првенство во 2025 година и втор на домашен терен.
Нашиот национален тим загуби во првиот од двата меча со Литванија, со 67-82 и значително си ги намали шансите за пласман на Еуробаскетот. Со драстично ослабен состав, македонската репрезентација не можеше да му парира на поквалитетниот ривал, но впечаток е дека го прецени на стартот и тоа скапо ја чинеше.
Македонија одигра очајни воведни 16 минути во кои и дозволи на Литванија да поведе со 30-9, а нешто подоцна беше и 35-12. Дури тогаш, нашите кошаркари се освестија и почнаа да играат нешто, пред се Кристијан Николов кој со десет поени во низа придонесе македонскиот тим да отиде на голем одмор со прифатлива негатива, од 17 разлика (27-44).
На крилјата на тој сегмент на Николов, Македонија одлично го почна второто полувреме и намали на само 13 поени разлика (39-52), но потоа дојде до голем пад во играта што противникот искористи за со серија од 9-0 повторно да отиде на над 20 поени предност. Кога веќе се беше јасно, нашата репрезентација успеа да се избори за чесен пораз иако разликата можеше да биде уште помала да не примевме тројка во еден од последните напади на противникот.
Кристијан Николов со 18 поени беше убедливо најдобар играч во македонската репрезентација, Војдан Стојановски постигна 13, а Бојан Крстевски 10. Реваншот против Литванија го играме в недела во Клаипеда.


