Бостон Селтикс со убедлива победа ја почна финалната серија во НБА лигата откако на домашен терен го победи Далас со 107-89.
Со тоа, тимот од Масачусетс покажа дека е подготвен за првата шампионска титула по пауза од 16 години. Иако долго очекуван, првиот натпревар не понуди никаква неизвесност бидејќи се помина во знакот на домашниот тим. Неизвесноста траеше само во првата половина од воведната четвртина во која Бостон кратко имаше и водство, со 15-14.
Тој период заврши со водство на Бостон од 37-20, а се понатаму одеше на контото на домашниот тим. Разликата постојано се зголемуваше, до највисоките +29 на средината од втората четвртина по што Далас не успеа да ја загрози победата на Бостон.
Лука Дончиќ, за кого ова беше прв настап во финале од НБА лигата, го заврши натпреварот со 30 поени и 10 скока, а далеку зад него останаа Вашингтон со 14 и Харди со 13 поени. Кајри Ирвинг имаше вечер за заборав, со 12 поени и шут од игра 6/19.
Бостон имаше повеќе расположени играчи, Браун постигна 22 поена, Тејтум оствари дабл дабл со 16 поени и 11 скока, а Порзингис заврши со 20 поени. И вториот меч се игра на теренот на Бостон, в понеделник рано наутро.


