Откако ФИБА го воведе актуелниот начин на квалификации за големите натпреварувања, постојано сме сведоци на неверојатни резултати, па исклучок не беа ни денешните дуели.
Светскиот шампион Германија, се разбира без своите најголеми ѕвезди, доживеа пораз од Шведска со 72-73. Од попознатите играч настапи само Јоханес Тиман, но немаше голем ефект и шутираше 0/10 од поле. Се истакна членот на Тенерифе, Давид Крамер кој постигна 43 поени, а за Германците, во листата на стрелците се запишаа само петмина кошаркари. Интересно е тоа што по три кола планетарниот првак е на последното место во својата група со биланс од една победа од два пораза и ќе треба да се помачи во групата со Црна Гора, Шведска и Бугарија за да се пласира на Европското првенство.
Малку недостасуваше шок да доживее и актуелниот европски шампион Шпанија која ја оствари првата победа во квалификациите дури во третото коло и тоа на контроверзен начин. На гостувањето во Словачка, „фуријата“ славеше со 76-72 по две продолженија откако во финишот од основниот дел беше пред нов сензационален пораз.
На 0,4 секунди пред крајот на првото продолжение беше 67-64 за Словачка и домаќините требаше да изведат аут од под кошот. Ја загубија топката, Јуста украде и погоди луда тројка за израмнување, но впечаток е дека киксираше записничката маса од каде подоцна го пуштија времето, па Јуста ја зеде топката, таа тапна, па дури потоа шутна што е невозможно за 0,4 секунди. Судиите, сепак, го признаа кошот, а по второто продолжение Шпанија победи и избегна 0/4 по првиот круг од квалификациите.
Овие резултати се надоврзаа на вчерашната сензација, односно победата на Велика Британија против Грција со 73-72.


