Вторпат за неполна недела, Чикаго Булс го расплака тимот на Лос Анџелес Лејкерс. Во саботата во Калифорнија го растури со 31 поен разлика, а ноќеска на домашен терен му нанесе уште еден болен пораз, сега со 119-117, но на начин на кој уште долго ќе се прераскажува.
Во последната четвртина, Лејкерс имаа 18 поени предност, на 12 секунди пред крајот беше 115-110 за гостинскиот тим, но сепак победата ја однесе Чикаго. Прво Вилијамс погоди тројка за -2, па Гиди украде топка и асистираше за Вајт за нова тројка и водство на домаќините од 116-115. И тука не беше крајот бидејќи останаа шест секунди кои засекогаш ќе бидат запишани во историјата на НБА.
Во следниот напад Остин Ривс ги врати Лејкерс во водство, но му остави три секунди на Чикаго. Топката ја зеде Џош Гиди кој немаше друг избор, освен да шутира од далечина, го направи тоа од центар и погоди за невидена еуфорија во Јунајтед центарот. Пресвртот на Чикаго, особено последните секунди, многу потсетија на оној историски рафал на Реџи Милер против Њујорк Никс во 1995 година кога тогашната суперѕвезда на Индијана постигна оосум поени, вклучувајќи две тројки за девет секунди.
Австралискиот кошаркар очигледно ужива кога игра против Лејкерс бидејќи минатата недела оствари трипл дабл и беше на чекор од квадрипл, а ноќеска заврши со 25 поени, 14 скока и 11 асистенции. Најефикасен беше Вајт со 26 поени од кои 18 во последната четвртина кога се одлучуваше победникот.
Кај Лејкерс, Остин Ривс постигна 30 поени, а Дончиќ заврши со 25 поени, 10 скока и 8 асистенции. Леброн беше еден од трагичарите бидејќи, освен што имаше лош шут од игра (8/20), му ја подари клучната топка на Гиди по што Вајт постигна тројка за 116-115. На девет натпревари пред крајот на сезоната, Лејкерс се на петтата позиција на Западот, а Чикаго речиси го обезбедија пласманот вво плејинот бидејќи предност во однос на Торонто изнесува седум победи.
РЕЗУЛТАТИ
Кливленд – Сан Антонио 124-116
Орландо – Далас 92-101
Вашингтон – Индијана 109-162
Мајами – Атланта 122-112
Чикаго – ЛА Лејкерс 119-117
Оклахома – Мемфис 125-104
Јута – Хјустон 1101-121
Сакраменто – Портланд 128-107


