Двојниот МВП на АБА лигата, Лука Божиќ сепак нема да го облече дресот на Валенсија и покрај тоа што неодамна потпиша со шпанскиот клуб.
Хрватскиот интернационалец е испратен на позајмица во Љеида која за претстојната сезона обезбеди пласман во шпанската кошаркарска елита. Според информациите од Шпанија, за него немало место во тимот на Валенсија и покрај тоа што екипата нема да се натпреварува во Евролигата, туку во Еврокупот.
Слична беше ситуацијата со македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кога беше член на Валенсија со таа разлика што нашиот кошаркар одигра една сезона меѓу „портокаловите“. Со доаѓањето на Алекс Мумбру на тренерската позиција, Димитријевиќ стана прекуброен и замина на позајмица во Уникс со што Валенсија, всушност, му направи услуга бидејќи таму блесна и на голема врата се врати, сега во тим кој ќе се натпреварува во Евролигата.


