Македонската кошаркарска репрезентација в недела го започнува вториот круг од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година, а прв предизвик ќе биде гостувањето кај Австрија во Виена.
Во пресрет на важниот дуел, своите очекувања ги сподели Лука Стојановски, еден од најстандардните македонски репрезентативци во последните неколку квалификациски циклуси.
Новиот кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром и овојпат е дел од националниот тим, кој во групата „Ф“ ќе се соочи со Австрија и Кипар. По одработениот тренинг во „Спорт Арената“ во Виена, Стојановски јасно порача дека Македонија во секој натпревар ќе влегува со една цел – победа.
„Очекувањата се да победиме. На секој натпревар што ќе го играме во наредниот период одиме на победа. Се подготвуваме, гледаме видеа, правиме тактика. Едноставно, имаме добра и комплетна екипа во овој момент. Победата, би го нарекол тоа, е единствениот императив пред нас“, истакна Стојановски.
Македонија во претходниот циклус беше максимална и забележа шест победи на шест натпревари, со што обезбеди пласман во вториот круг и ја подигна самодовербата во репрезентативниот состав.
Сега селекцијата е дополнително засилена со враќањето на Ненад Димитријевиќ, како и со приклучувањето на Мозес Рајт, па очекувањата се уште поголеми.
„Тие победи и одиграните натпревари во овие претквалификации се голем плус за нас како екипа. Но и доаѓањето на одлични играчи како Ненад и Мозес ќе ни помогне во намерата да стигнеме до оние вистински квалификации“, вели македонскиот репрезентативец.
Стојановски добро го анализира и првиот противник. Австрија на стартот од оваа фаза претрпе изненадувачки пораз од Кипар со 72-77, но македонскиот бек не очекува лесен натпревар.
„Би рекол дека пред сè станува збор за шутерска екипа. Физички не се предоминантни, така што би рекол дека негуваат брза кошарка и дека имаат добар шутерски потенцијал“, анализира Стојановски.
Натпреварот Австрија – Македонија се игра утре од 16:05 часот во „Спорт Арената“ во Виена, а нашиот национален тим ќе се обиде со победа да направи голем чекор кон посакуваното место во квалификациите за Евробаскетот 2029.


