Откако минатата недела официјално стана член на Игокеа, јуниорскиот репрезентативец на Македонија, Марко Луканоски вчера стигна и до првиот трофеј со босанскиот клуб.
Екипата од Лакташи е победник на традиционалниот „Трофеј Белград“ на кој учествуваат јуниорски тимови од регионот. На патот до трофејот, Игокеа во чии редови беше и Луканоски, ги победи Раднички со 90-63, Црвена Звезда со 82-78 и Мега во финалето со 86-73.
Со тоа продолжи фантастичната година за Луканоски кој во мај стана јуниорски шампион на Македонија со Вардар при што беше прогласен за МВП на завршниот турнир, а на почетокот на август со У18 репрезентацијата на Македонија ја освои титулата на Европското првенство Б-дивизија во Скопје и притоа беше избран во идеалната петорка на шампионатот.


