Досегашниот центар на Маџари, Марко Луканоски се покажа како еден од лидерите на македонската млада репрезентација на првиот меч од Европското првенство Б-дивизија, против Словачка.
Постигна 11 поени со девет скока, но како и сите во тимот, смета дека најважна е победата која широко ги отвора вратите кон четвртфиналето, а потоа и кон А-дивизијата.
„Одлично го отворивме натпреварот и на полувреме заминавме со предност од 13 поени. Силно влеговме и во третата четвртина, кога брзо стигнавме и до 23 поени разлика. Противникот успеа да се врати на пет поени негатива, но останавме концентрирани, ја задржавме предноста и на крајот сосема заслужено се радувавме на победата. Овој триумф ни носи уште поголема самодоверба пред натпреварите што нè очекуваат на првенството во Братислава“, изјави Луканоски.
Распоредот беше немилосрден за нашите кошаркари кои имаа едвај 17 часа одмор бидејќи денеска од 13:30 им претстои вториот меч на првенството, против Ирска. Противникот беше слободен вчера, па јасно е дека ќе биде посвеж, но нашиот центар ветува беспоштедна борба за нова победа.
„Очекувам цврст противник и натпревар со многу контакти. Но, ние сакаме да одиграме уште подобро отколку на првиот меч. Ќе дадеме сè од себе за да дојдеме до нова победа“, порача Луканоски.
Ако нашите кошаркари денеска победат, ќе имаат два слободни дена да се подготват за најважниот дуел во групата, против Шведска кој би можел директно да одлучува за првото место во групата.


