Екипата на Маџари останува најпријатно изненадување во македонската кошаркарска Суперлига и е многу блиску до пласман во разигрувањето за титулата.
Денеска, тимот од источниот дел на Скопје го одигра можеби најдобриот натпревар во сезоната и буквално го растури Кожув на домашен терен со 89-61. Неодамна од истиот ривал загуби во четвртфиналето од Купот на Македонија, но затоа сега покажа дека триумфот во Гевгелија во првиот дел од сезоната не бил случаен.
Кожув вечерва не доби апсолутно никаква шанса евентуално да се бори за победа бидејќи уште од почетокот беше држен во нокдаун. Маџари во финишот на првата четвртина направи серија од 12-0 и поведе со 22-11 за победникот да биде решен меѓу вториот и третиот период кога домашниот направи постигна и 13 поени во низа за предност од 50-25. На стартот од последниот квартал беа достигнати и највисоките +-31 (73-42), но ионака цело второ полувреме беше само формалност.
Веројатно првпат откако постои Маџари се случи сите кошаркари во тимот да се запишат во листата на стрелците на еден меч. Најефикасен беше Левис со 18 поени, а цела прва петорка имаше двоцифрен ефект. Бојчев и Пурвис го предводеа Кожув со по 11 поени, но очигледно нешто не функционира во гевгелискиот тим кој последните недели остана без двајцата најефикасни кошаркари.


