Актуелниот шампион МЗТ Скопје поведе со 1-0 во финалната серија од домашниот плејоф откако вечерва на домашен терен го совлада предизвикувачот Маџари со 84-77.
Гостинскиот тим можеби пропушти огромна шанса за нова сензација бидејќи одигра извонредно прво полувреме, а и во финишот од мечот имаше можност да направи неизвесна завршница. МЗТ Скопје ја оправда фаворитската улога и заслужено славеше, а покрај разликата во квалитет, одлучи и подолгата клупа на Васко Атанасов.
МЗТ подобро го почна мечот и по четири минути игра водеше со 12-7, но Маџари брзо се консолидира и со серија од 16-4 дојде до предност од 23-16. На крајот од првата четвртина беше 26-18, а на стартот од вториот период Маџари ги достигна највисоките +9 (31-22). Тоа беше аларм за МЗТ дека мора да ги собере своите редови и да заигра подобро бидејќи домаќините сфатија дека противникот е сериозен. Второто полувреме го заврши со 19-5 за предност од 45-40 по 20 минути игра.
Се чинеше дека со тоа е скршен отпорот на Маџари, но гостите останаа блиску и во второто полувреме иако МЗТ го држеше на дистанца, барем до три разлика. Последната шанса гостите ја имаа на минута и пол пред крајот кога при водство на МЗТ со 81-75, Димчевски тргна во напад, но ја загуби топката, Танасковиќ потоа погоди тројка од табла и тука беше крајот на сите надежи.
Кога станува збор за подолгата клупа, Атанасов го има луксузот резерви да му бидат Маслинко и Војдан Стојановски. Првиот беше најефикасен со 17 поени иако на теренот помина помалку од 25 минути, а се истакнаа уште Танасковиќ со 15 и Мекејден со 14 поени. Луис беше најефикасен кај Маџари со 27 поени, Армстронг додаде 19, со осум скока и осум асистенции, но целата клупа постигна помалку поени отколку Маслинко (11).
Вториот меч од серијата се игра в среда, повторно на теренот на МЗТ Скопје, а третиот е на програмата в сабота во Маџари.


