Вицешампионот на Македонија, Маџари е пред нова историска сезона во која ќе го продолжи својот развој како клуб.
Откако во дебитантската кампања во Суперлигата стигна до финалето од плејофот, Маџари од есен ќе учествува во АБА 2 лигата што ќе биде прво меѓународно искуство за клубот од источната скопска населба. Денеска Маџари објави дека комплетно се сели во „Јане Сандански“ каде ќе игра како домаќин во следните три сезони, а таму ќе ги пречекува и ривалите во АБА 2 лигата.
„Со исполнување на високите организациски и спортски стандарди потребни за настап на регионално ниво, клубот продолжува со подготовките за новите предизвици, вклучувајќи го и настапот во АБА 2 лигата“, објавија од Маџари.
Ова веројатно значи и дека наскоро треба да бидат надминати проблемите со лиценцата за настап во Суперлигата откако клубот вчера објави дека ги исполнил сите финансиски обврски кон Кошаркарската федерација.


