Дебитантот во елитната конкуренција Маџари остана во игра за пласман во топ-6 откако вечерва извојува исклучително важна победа на гостувањето кај Тиквеш со 91-81.
Тоа е осма победа на тимот од источната скопска населба кој сега се наоѓа на петтата позиција на табелата. До неа дојде благодарение на подобрата игра во второто полувреме кое го доби со 51-40, но мора да се истакне дека се наоѓаше во водство во најголемиот дел од мечот.
Кон средината на последниот квартал Тиквеш се доближи на само четири поени негатива (76-80), но Маџари одговори со серија од 9-0 со што стави точка на сите дилеми околу побеедникот.
Триото Американци на Маџари, Армстронг-Грин-Левис постигна 72 од вкупно 91 поен на скопскиот тим и практично само ја донесе победата. Мики го предводеше Тиквеш со 27 поени, но очигледно недоволно за победа на тимот од Кавадарци кој води грчевита борба за опстанок.


