Дебитантот во македонската кошаркарска Суперлига, Маџари оствари уште еден историски успех откако денеска обезбеди пласман во полуфиналето.
На домашен терен, тимот од источното предградите на Скопје го совлада директниот ривал за четвртото место Кожув со 114-89 со што создаде предност од две победи во пресрет на последните две кола. Со оглед на тоа што Маџари сезонава трипати го совлада Кожув, во случај на ист број бодови, ќе биде пред него на табелата.
Иако Маџари беше подобар противник во текот на целиот натпревар, клучната предност ја направи во третата четвртина која ја доби со 33-16 и по 30 минути поведе со 28 разлика. Тоа е превисока предност дури и за посилни екипи од Кожув, па последниот квартал беше само рутинско одработување на натпреварот.
Левис со 27 поени беше најдобар играч на мечот, а уште петмина кошаркари на Маџари имаа двоцифрен ефект. Теодор Симиќ ја потврди одличната форма во која игра во последно време и со 19 поени беше најефикасен во тимот на Кожуц. Маџари сигурно ќе заврши на четвртото место, а во последните две кола ќе го добие својот противник во полуфиналето.


