Екипата на Маџари го победи Чаир со 105-83 во единствениот натпревар од денешната програма во македонската кошаркарска Суперлига.
За тимот од истоимената источна скопска населба, овие 105 поени се клупски рекорд и само втор троцифрен ефект оваа сезона откако пред крајот на минатата година против Ангели постигнаа 101. Денеска Маџари уште еднаш потврди дека не е залутан во елитното друштво и дека има што да каже, а по овој триумф и во очекување на утрешниот натпревар на МКК Куманово, изби на четвртото место на табелата.
Многу работи околу победникот беа јасни уште по првото полувреме кое Маџари го доби со 52-34. Гостите само еднаш се најдоа во водство и тоа со 8-7, домаќините потоа ја презедоа контролата над резултатот и воопшто немаше неизвесност околу тоа кој ќе ги освои двата бода. Во второто полувреме Чаир ниеднаш не се доближи на едноцифрена негатива, а предноста на Маџари најчесто беше над 15 поени.
Армстронг го предводеше домашниот тим со 22 поена, но се истакна и ветеранот Димчевски со 20. Билингсли со 19 поени беше најефикасен кај Чаир.


