Дебитантот во елитната конкуренција во македонската кошарка Маџари оствари историски успех откако денеска го потврди својот пласман во првата фаза од плејофот во Суперлигата.
И со пораз денеска тимот од источната скопска населба ќе останеше блиску до место во топ-6, но сепак го совлада својот локален ривал Феникс со 82-72. Тоа е втор триумф на Маџари во меѓусебните дуели со Феникс оваа сезона и вкупно 11. во 21. натпревар во првенството.
До победата дојде благодарение на подобрата игра во втората и третата четвртина кои ги доби со вкупен резултат 43-27. Феникс го диктираше темпото до финишот од вториот период, водеше и со 11 поени разлика (39-28), но Маџари потоа направи пресврт и го трасираше патот до победата. Со серија од 10-0 се доближи на еден поен негатива, а потоа со уште една низа од 11 поени отиде на 41-34.
Феникс се одржуваше во игра уште неколку минути, но гостинот на овој меч го заврши третиот квартал со предност од 61-50, нешто подоцна имаше и +14 (67-53) и мирно го приведе мечот кон крајот.
Тројца кошаркари на Маџари постигнаа по 16 поени (Армстронг, Димчевски и Хот), но најмногу се истакна „детето“ на Феникс, Амар Хот кој додаде и 20 скока, безмалку половина од вкупниот број на неговиот тим. Рахама го предводеше Феникс со 21 поен.


