Претходните четири дена во Ниш се одржа завршниот турнир од Купот на Србија и во сениорска, но и во пионерска конкуренција.
Кај возрасните триумфираше Црвена Звезда, додека пионерите на овој клуб во финалето загубија од Мега. Во редовите на Звезда на овие натпревари имаше и едно интересно име – Александар Зунзуровски.
Станува збор за 14-годишен македонски кошаркар, роден во Њујорк каде и ги почнал првите чекори во најубавиот спорт, а од оваа сезона е член на Црвена Звезда, во пионерската екипа, но тренира и со кадетите. Син е на поранешниот кошаркар на Работнички со исто име и презиме, Александар Зунзуровски-Зуко кој на почетокот на новиот милениум, краток пероид го носеше дресот на тимот од Градски парк, потоа се пресели во Германија, но релативно млад ја заврши кариерата поради големиот број повреди и седумте операции што ги доживеа. Помладиот Зунзуровски одлично се снајде во дресот на Звезда, во финалето од Купот беше еден од најдобрите во својот тим и покрај лимитираната минутажа, како последица на повреда со која се мачеше претходните денови.
„Александар се занимава со кошарка уште од своја четиригодишна возраст и секогаш тренираше со голема љубов. Имаше понуди да остане во САД, но сметав дека е добро да помине извесен период во Европа за да се навикне и на тамошниот стил на игра. Можам само да му честитам на истрајноста и на карактерот затоа што на само 14 години живее сам во Белград, јас и мајка му сме во Њујорк, а тој не се пожалил на ништо.
Исто така, задоволен сум од неговата прва сезона во Звезда. Просекот му изнесува околу 20 поени, а на терен поминува по околу 15 минути на натпревар. Бидејќи одлично го познавам, знам дека ова што го покажува во моментов, не е ни 30% од капацитетот и потенцијалот кои ги поседува“, изјави за КОШ.МК повозрасниот Зунзуровски кој во Њујорк има своја кошаркарска академија и токму во неа, неговиот син почнал да игра кошарка.
Со оглед на тоа што е роден во САД и има американски пасош, а мајка му е Порториканка, логично се поставува прашањето – какви се шансите Зунзуровски јуниор да заигра за македонските репрезентации.
„Јас би рекол – мошне изгледни, секако, доколку има интерес од Македонија. Во процедура е вадењето македонски пасош за Алек, можеби тоа ќе се случи во претстојниот месец по што ќе бидат тргнати сите пречки тој да заигра за младинските репрезентации.
Морам да нагласам дека Алек веќе беше повикуван пред неколку години на камповите и селективните тренинзи во Македонија, прво во У14 репрезентацијата која ја предводеше Нермин Пепиќ во проектот ‘Заедно до 16’, а потоа и во кадетската, под водство на Александар Јованчев. Не се сомневам дека тој со задоволство би заиграл за Македонија, можеби веќе на претстојното Европско кадетско првенство во Скопје“, додава Зуко.
Во вчерашното финале против Мега, Зунзуровски постигна 16 поени за само 21 минута на теренот и беше трет стрелец во својот тим. Оние што постигнаа повеќе, играа 37, односно 34 минути. Токму Алек направи драма во последната четвртина, постигнувајќи кошеви во серија со кои Звезда се доближи на само два поена, но немаше сили за целосен пресврт.


