Денеска ќе се комплетира четвртото коло од квалификациите за Европското првенство, а само чудо може да го симне Ненад Димитријевиќ од првите места во две статитистички категории.
По вчерашниот дуел против Литванија, играчот на Олимпија Милано е првиот кошаркар кој стигна до 100 поени во квалификациите за Европското првенство.

Нашиот репрезентативец е убедливо најдобар стрелец во овој циклус со просек од 33,3 поени по натпревар и има троцифрен број поени и покрај тоа што настапи на само три меча. Торнике Шенгелија, на пример, е на бројката од 95 со четири одиграни меча. Зад Димитријевиќ е Клемен Препелиќ од Словенија со 74 поени (24,7 по натпревар), па Марио Хезоња од Хрватска со 72 (24 по натпревар) и спомнатиот Шенгелија.
Димитријевиќ е и најкорисен играч во досегашниот дел од квалификациите со просечен индекс од 30,7, со што го помина својот соиграч од националниот тим Итан Хап кој има 30,5 и до ова коло се наоѓаше на првото место.


