И во текот на првенството го потенциравме напаѓачкиот потенцијал на јуниорската репрезентација на Македонија што најмногу е резултат на стилот на игра кој го форсираше стручниот штаб.
Македонија го заврши шампионатот во Скопје како убедливо најефикасна репрезентација со постигнати 712 поени или во просек 89 на натпревар. Далеку назад со 589 (од седум меча) е Бугарија која има просек од 84,1, додека на третото место е Црна Гора со 81,4. Нереално звучи податокот дека нашата јуниорска репрезентација против најголемите ривали и во најважните натпревари ја проби границата од 90 поени: против БиХ 99, Чешка 94, Бугарија 92 и Австрија 98. Многу интересно е тоа што најнеефикасна беше против Португалија кога постигна 71 поен и аутсајдерот Ирска со 73, но по продолжение.
По фантастичното финале, својот просек го зголеми и Никола Јаничиќ кој освен тоа што беше МВП на првенството, заврши и како најдобар стрелец. Просечно постигнуваше по 22,6 поени, а зад него останаа Имран Суљановиќ од Австрија со 22,4 и Дајан Несах од Швајцарија со 21,4.
Меѓу најдобрите на првенството има уште неколку македонски кошаркари. Стефан Стојковиќ е трет „крадец“ со 2,9 украдени топки на натпревар, Лука Марјановиќ е петти, а Јаничиќ осми асистент, првиот со 4,6, а вториот со 4,1 асистенции по меч, додека Марко Луканоски е четврти скокач со 9,9 скокови и има деветти највисок индекс – 18,4.


