По слободниот ден, денеска на програмата е четвртото коло во групата Ц од Европското јуниорско првенство Б-дивизија во Скопје.
Македонија по максималните три победи на стартот, денеска се среќава со аутсајдерот Кипар и се очекува нов триумф, но со големо внимание ќе се следи и дуелот од 11 часот, меѓу репрезентациите на БиХ и Чешка. Тој меч директно одлучува за пласманот во четвртфиналето од Европското првенство, а може да ѝ помогне на македонската репрезентација уште денеска да се пласира во нокаут фазата.
За да се случи тоа, потребно е БиХ да ја победи Чешка, а вечер Македонија да слави против Кипар. Во таков случај, нашата репрезентација сигурно ќе биде барем втора, а утре против Украина би се борела за првото место, под услов Украинците денеска да ја победат Ирска.
Сепак, ова не значи дека Македонија во моментов зависи од некого бидејќи сите конци ги држи во своите раце. Победата против Кипар не треба да биде доведена во прашање, а ако дојде до тоа последното коло да решава, утре не смее да загуби со повеќе од 14 разлика.


