Македонската кошаркарска репрезентација денеска го почнува новиот квалификациски циклус за пласман на Европско првенство на кое чека настап од 2015 година.
Во мошне незгодната група, нашиот национален тим за противници ги има Литванија, Полска и Естонија, а поради системот на натпреварување, не зависи се од игрите и резултатите на избраниците на Александар Јончевски. Полска како ко-домаќин на шампионатот има загарантиран пласман, Литванија е апсолутен фаворит и, на хартија, би требало за третото место да се борат Македонија и Естонија. Теоретски, можно е да не одлучуваат само директните дуели на овие две репрезентации, туку и резултатите од останатите натпревари што ја отежнува работата на нашата селекција.
Сепак, за да не се остави простор за каква било калкулација, Македонија мора прво да ја заврши својата работа, а таа е – победа против Естонија вечерва на домашен терен. Само со таков исход, нашата репрезентација може да остане „жива“ во овој циклус бидејќи со евентуален пораз, се понатаму ќе биде невозможна мисија. Традицијата е апсолутно на страната на противникот кој не победи на четири од последните пет меча, вклучувајќи го и оној во август минатата година (83-59), во претквалификациите за Олимписките игри во Париз.

Тоа не мора да биде никаков фактор на вечерашниот натпревар и покрај тоа што Естонците доаѓаат во речиси најсилен состав, со неколку кошаркари кои настапуваат во Евролигата. Македонија има свои адути, пред се Ненад Димитријевиќ кој по 1,5 година се враќа во репрезентацијата, а се наоѓа во одлична форма во својот тим Уникс со кого минатата сезона ја освои титулата во ВТБ лигата и тој беше прогласен за МВП на финалната серија. Јончевски се одлучи за промена на натурализираниот играч, па по подолго време ќе го нема Ти Џеј Шортс и неговото место ќе го пополни Итан Хап кој треба да ја пополни празнината под кошот и ќе води тешка битка со противничките центри.
Како што рече селекторот на почетокот на подготовките, потребна е победа денеска, не е важно со колкава разлика изразена. На нашите кошаркари им треба помош од трибините и пеколна атмосфера која ќе ги понесе кон триумф. Натпреварот се игра од 19 часот во Кале, а судии се Керем Баки и Орхан Хекимоглу од Турција и Венцислав Великов од Бугарија.


