Ако и постоеја теоретски шанси за пласман во топ-8 од АБА 2 лигата за македонскиот вицешампион Пелистер, од вечерва повеќе ги нема.
Битолчани можеа да се надеваат само со убедлив триумф против Подгорица в четврток да се изборат за круг од три екипи во кои би имале најдобар биланс и би го освоиле второто место во групата, но до такво нешто нема да дојде. Широки вечерва направи големо изненадување, совладувајќи го лидерот Џокер на домашен терен со 86-60 и официјално избори пласман во следната фаза од АБА 2 лигата.
Интересно е тоа што Широки по првите три кола беше последнопласиран без ниедна победа, но во меѓувреме се засили со поранешниот хрватски репрезентативец Дарко Планиниќ и успеа да слави во следните три меча што му ги продолжи надежите дека ќе успее да избори пласман во елитната дивизија од АБА.
Што се однесува до Пелистер, дуелот против Подгорица в четврток ќе биде од ревијален карактер бидејќи двете екипи ги загубија шансите за пласман во следната фаза. Со елиминацијата на битолчани, официјално сите три македонски претставници во АБА 2 испаднаа уште во првата фаза од регионалното натпреварување.


