Олимпија Милано по продолжение ја совлада Венеција со 94-87 по продолжение и триумфираше во италијанскиот Суперкуп, започнувајќи ја со трофеј новата сезона.
Миланскиот тим во еден момент имаше предност од дури 19 поени, но Венеција успеваше да се враќа и да го одведе мечот во продолжение. Во второто полувреме Венеција успеа да направи целосен пресврт, но по дополнителните пет минути сепак потклекна и не успеа да направи изненадување.
Во главна улога беше новиот македонски репрезентативец Мозес Рајт кој уште една покажа со какви квалитети располага. Одигра одлично уште од самиот почеток и во првата четвртина постигна 10 поени, со совршен шут 4/4 од поле. Центарот беше една од главните причини Олимпија да создаде убедлива предност, а неговото присуство под кошевите ѝ донесе дополнителна сигурност на екипата. На крајот, сосема заслужено го доби признанието за МВП на Суперкупот, награда која пред две години, исто така во дресот на Олимпија Милано, ја доби уште еден македонски репрезентативец – Ненад Димитријевиќ.
За Олимпија Милано ова е седми трофеј во италијанскиот Суперкуп, со што продолжува доминацијата на клубот во ова натпреварување. Воедно, ова е и трета последователна победа за миланскиот тим во Суперкупот.
Олимпија Милано сега се насочува кон Евролигата, каде што претстојниот петок ќе гостува кај Партизан во Белград, а потоа следува и стартот на домашното првенство против Трст.


