Поради тоа што не успеа да се пласира во квалификациите за Мундијалот, македонската кошаркарска репрезентација следниот циклус ќе го почне од првата фаза претквалификации, нешто слично како во 2019 година.
Заедно со неа ќе учествуваат уште девет селекции, а списокот е комплетиран вечерва, по одигрувањето на последните натпревари од претквалификациите за СП. Покрај Македонија, оваа пречка не ја поминаа уште Словачка, Бугарија и Норвешка, а од порано се знаеше дека од првата претквалификациска фаза почнуваат уште Ирска, Косово, Азербејџан, Луксембург, Ерменија и Албанија. Не е исклучено овој список да биде проширен бидејќи е најавена пријава на Молдавија.
Ако нема измени, репрезентациите ќе бидат поделени во три групи со тоа што една ќе биде со четири, а две со три тима и пласман во следната рунда ќе обезбедат првопласираните селекции од секоја група, плус најдобрата второпласирана.
Во следниот период ФИБА ќе го одреди датумот за ждрепката, како и рангирањето на репрезентациите по шешири.


