Македонската кошаркарска репрезентација по 21 година, денеска повторно ќе се сретне со Австрија, а интересен податок пред дуелот во Виена е дека „црвено-жолтите“ имаат позитивен ефект во досегашните меѓусебни пресметки.
Двете селекции досега одиграле два официјални натпревари и на двата триумфирала Македонија. Тие датираат од плејофот во квалификациите за Европското првенство во 2005 година, во тоа време Б-дивизија.
Првиот натпревар се одигра на 17 септември 2005 година во Гмунден, а Македонија славеше со 101-75. Само седум дена подоцна следуваше реваншот, овојпат на домашен терен на кој нашата репрезентација беше уште поубедлива и победи 99-62 со што го потврди пласманот во А-дивизијата.
Така, Македонија има 2-0 против Австрија со вкупна кош-разлика од 200-137. Тоа значи дека во просек во двата натпревари нашата репрезентација победувала со повеќе од 31 поен разлика.
Сега, по повеќе од две децении, следува нова пресметка. Македонија повторно гостува во Виена, но овојпат во рамките на втората претквалификациска фаза за Евробаскет 2029. Во меѓувреме австриската кошарка еволудираше, особено клупската, но репрезентацијата се уште е далеку од европскиот и светскиот крем.


