Машката кадетска репрезентација на Македонија со пораз го заврши настапот во првата групна фаза на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари до 16 години.
Во последниот натпревар од групата „Б“, Украина славеше со 84-70, со што го обезбеди третото место во конечниот поредок со учинок од три победи и два порази. Пред неа завршија Хрватска и Исланд, додека Македонија е четвртопласирана, пред Кипар и Швајцарија.
Украинците подобро го започнаа натпреварот, но Македонија остана во игра во текот на првото полувреме. По 20 минути, противникот имаше предност од 46-39. Клучната разлика беше направена во третата четвртина. Украина одигра одлично во овој период и го доби со убедливи 24-10, па пред последните десет минути Македонија имаше негатива од 21 поен – 49-70.
Сепак, македонските кадети покажаа карактер и не се предадоа. Во последната четвртина следуваше голем налет, серија од 17-4 и враќање на Македонија во натпреварот. На половина од последниот период, нашата селекција стигна до само осум поени негатива (66-74) и се отвори можност за целосен пресврт. Украина, сепак, успеа да одговори во вистински момент и да ја задржи предноста до самиот крај за конечни 84-70.
Најдобар поединец во македонскиот состав повторно беше Дион Шабани, кој натпреварот го заврши со 21 поен и 11 скока. Илија Коневски постигна 16 поени, со седум скока и две асистенции, додека Михаил Анѓеловски запиша 16 поени и четири асистенции.
Македонија со тоа ја заврши групната фаза со две победи и три порази, а сега ја очекува борбата за пласман од 9. до 16. место.


