Кошаркарската репрезентација на Македонија ја оствари и четвртата победа во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година откако вечерва го совлада Азербејџан со 78-70.
Иако противникот е со далеку послаб рејтинг од нас, овој триумф е исклучително значаен, а дополнително добива на важност поради тоа што е остварен во мошне тешки услови. Македонија очајно го почна натпреварот, губеше со 18 поени разлика во второто полувреме, а три четвртини играше без лидерот и капитен Војдан Стојановски кој се повреди што беше огромен хендикеп.
Азербејџан почна со 8-0, од напад во напад го зголемуваше водството, до највисоките +18 (43-25) во вториот период. Следуваше одговор од 12-1 за 37-44 на полувреме и тогаш Македонија почна да дава знаци на живот. Во третата четвртина се разигра Андреј Магдевски кој постигна неколку важни кошеви и токму по неговите поени, пред крајот на третиот период, нашата репрезентација дојде до првото водство на мечот (58-56):
Кога веќе го скрши мразот, на Македонија веќе ѝ беше многу полесно, Лука Стојановски и Јакимовски постигнаа поени во серија за 63-56, Азербејџан подоцна намали на 63-66, но на три минути пред крајот, по слободните фрлања на Јакимовски, поведовме со двоцифрена разлика (73-63). И тогаш Азербејџан не се предаде, дојде на 70-75, но крајот го означи Мекиќ со тројка на 37 секунди пред крајот со што го постави конечниот резултат.
Јакимовски повторно беше наш најефикасен играч, постигна 22 поена и осум скока, Ѓуроски заврши со десет, но исклучително важни беа и Магдевски, Мекиќ и Лука Стојановски. По четири кола, Македонија има максимален ефект и убедливо се наоѓа на првото место во својата група.


