Македонската сениорска репрезентација утре во Самоков ќе го одигра првиот пријателски натпревар во рамките на подготовките за јулскиот „прозорец“ на ФИБА, против Бугарија.
Кошаркарите се заедно од понеделникот, можно е и вторпат да се сретнат со Бугарија на 25 јуни во Скопје, а утрешниот меч треба да му помогне на селекторот Жосеп Марија Берокал да види до каде е тимот во моментов. На пат за Самоков ќе заминат 13 кошаркари и тоа: Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски, Марин Петков, Ваљмир Какруки, Виктор Ефремовски, Лука Стојановски, Амар Хот, Павел Иванов, Виктор Ташовски, Мухамед Тачи, Марко Луканоски, Петар Бошалески и Тома Стојаноски.
Предвидено е в понеделник на подготовките да се прклучи и Андреј Јакимовски, а стручниот штаб ќе одреди дали ќе има и кој ќе биде натурализираниот играч за претстојните дуели.
Македонија на 2 јули ќе ја пречека Ирска, а три дена подоцна ќе му гостува на Луксембург во последните два натпревара од првата претквалификациска фаза за Европското првенство во 2029 година.


