Женската кошаркарска репрезентација на Македонија ќе настапи во изменет состав на вечерашниот дуел со Естонија, откако селекторот Виктор Петровски одлучи да направи две промени во однос на тимот кој го одигра првиот натпревар од претквалификациите за Евробаскетот 2029.
Новитети во македонскиот ростер се Ива Колева и Вања Милосављевиќ, кои добија место меѓу избраните 12 кошаркарки за средбата во Штип. Двете не беа дел од екипата на гостувањето во Букурешт против Романија, а сега ќе бидат во конкуренција за настап пред домашната публика, на местата на Марија Митева и Глорија Груевска.
Петровски за овој натпревар ќе смета на Ана Милованова, Сања Адамовска, Сара Максимовска, Ива Колева, Катерина Поп-Димитровска, Милица Николиќ, Теа Трајковска, Јана Пислевска, Јована Петрушевска, Вања Милосављевиќ, Тијана Митрева и Цветанка Димова.
По поразот од Романија со 52-73 во првото коло, македонските кошаркарки ќе се обидат да стигнат до позитивен резултат на домашен терен. Противник е селекцијата на Естонија, а натпреварот ќе се игра вечерва од 18 часот во спортскиот центар „Џексон“ во Штип.


