Јуниорската репрезентација е на прагот на остварување на првата цел на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје, а тоа е пласман во нокаут фазата.
Заедно со Швајцарија, нашата селекција е единствена со биланс 3/0 и за место во четвртфиналето ѝ е потребен триумф против Кипар и победа или пораз до 14 разлика против Украина во последното коло. Реално е да се очекува Македонија да се најде меѓу осумте најдобри, пред се поради покажаното во првите три кола во кои се сретна со две силни репрезентации – БиХ и Чешка.

Надеж дека може далеку да се стигне на ова првенство е фактот што оваа селекција на Македонија е различна од останатите и има голем напаѓачки потенцијал. Брзата игра носи ризик во однос на загубените топки, но затоа нашата репрезентација е исклучително ефикасна. Интересно е тоа што во досегашните три кола, најлошо одигра против најголемиот аутсајдер со кој се сретна – Ирска во меч во кој победи по продолжение и во кој за 40 минути игра постигна само 62 поена. Отпорот на противникот го скрши во продолжението, но сепак 73. постигнати поени се најслаб ефект од трите меча.
Во следните два натпревара Македонија одеше над 90, па по три кола е најефикасна репрезентација на првенството со вкупно 266 поени или во просек 88,7 по меч. Далеку зад нас, на второто место е Бугарија со 83,5, а трета е Чешка со 83,3. Македонија, заедно со Унгарија, го држи и рекордот на постигнати поени на еден натпревар кој изнесува 99, од дуелот со БиХ.

Во однос на индивидуалниот ефект, капитенот на македонската репрезентација Никола Јаничиќ е втор стрелец на турнирот со просек од 27,7 поени. Тој е најефикасен со 83 поени, но од три меча, додека Имран Суљановиќ од Австрија, кој е зад Јаничиќ, одигра само два досега. Кога станува збор за Јаничиќ, единствен проблем во неговата игра се загубените топки имајќи предвид дека се наоѓа на второто место во оваа статистичка категорија со 4,7 по натпревар.


