Младинската репрезентација на Македонија го доживеа и вториот убедлив пораз на Европското првенство што се одржува во Полска.
Турција ги совлада нашите надежи со 90-55 што е втор убедлив пораз на Македонија на овој шампионат, па утре против Белгија, ќе се бори за третото место во групата. Нашите млади кошаркари добро му парираа на противникот во првите 20 минути, на минута пред крајот беше израмнето (38-38), а потоа застанаа.
Во следните десет минути, македонската репрезентација не успеа да постигне поен, Турција во тој период направи серија од 22-0 и отиде на убедливи 60-38. Третата четвртина Турците ја добија со 22-2 при што поентираше само Теодор Симиќ од линијата за слободни фрлања, а во цело второ полувреме Македонија постигна вкупно 15 поени.
Тома Стојановски беше најдобар играч во македонската репрезентација со 12 поени и 8 скока, а двоцифрен ефект имаше само уште Бојчев – 10.


