Германскиот шампион Баерн ја оствари третата победа во последните четири кола од Евролигата откако вечерва на домашен терен го совлада Панатинаикос со 85-78.
Дуелот беше интересен и за македонската кошаркарска јавност бидејќи тоа беше директна пресметка на нашите репрезентативци Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс. Победата ја однесе Димитријевиќ кој имаше и подобар ефект од својот репрезентативен колега со кого имаше неколку заеднички настапи.
Двајцата на теренот поминаа околу 21 минута, Димитријевиќ постигна девет поени, пет асистенции и два скока, а Шортс имаше осум поени, три асистенции и два скока.
И покрај победата, Баерн се уште е далеку од местата кои водат во плејинот што е последица на лошиот старт на сезоната. Од друга страна, Панатинаикос го губи чекорот со водечките екипи откако денеска го претрпе третиот пораз во последните четири кола.


