На шест дена пред дуелот со Австрија, македонската репрезентација ги почна подготовките за мечот кој е веројатно најважен во втората претквалификациска фаза за Европското првенство во 2029 година.
Селекторот Берокал ги собра кошаркарите на кои смета за натпреварот в недела, а на прозивката се јавија и Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт кои се очекува да бидат носители на играта. Димитријевиќ се враќа во националниот тим по пауза од 18 месеци, а Рајт треба да биде наш адут под кошевите каде имавме најмногу проблеми последниот период.
Репрезентацијата ќе тренира во Скопје до петок кога патува за Виена, а натпреварот се игра в недела од 16:05 часот. Дотогаш ќе се искристализира составот и ќе биде познато кои 12 ќе играат против најголемиот ривал за првото место.


