Младинската репрезентација на Македонија ја освои претпоследната позиција на Европското првенство во Полска откако дури во последниот меч ја оствари првата победа.
Во последниот меч на шампионатот, нашите кошаркари ја победија Црна Гора со 81-69 за барем делумно да ја спасат честа и да го избегнат „фенерот“ на првенството. Натпреварот немаше големо резултатско значење бидејќи ионака двете репрезентации догодина ќе играат во Б-дивизијата.
Победата беше извојувана во втората и третата четвртина кои Македонија ги доби со вкупен резултат 51-27 и тогаш ја создаде предноста која беше доволна да дојде до триумф. Можеше да биде и поубедливо ако Македонија не му дозволеше на противникот серија од 10-0 во последните три минути од мечот.
Теодор Симиќ со 15 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, а се истакнаа уште Стојаноски и Бојчев со по 13 поени, Бошалески со 12 поени и Иванов со 11 поени.


