Довчерашниот играч на Кожув, Никола Василевски во новата сезона ќе ја организира играта на шампионот МЗТ Скопје и ќе се обиде да ја покрие дупката која настана со заминувањето на Марин Петков.
Станува збор за актуелен сениорски и поранешен младински репрезентативец на Македонија кој ги помина сите селекции, а најголемиот успех го оствари во 2023 кога со У20 репрезентацијата го освои сребрениот медал на Европското првенство Б-дивизија во Скопје. На сениорско ниво, освен во Кожув чиј дрес го носеше претходната полусезона, настапуваше и за ТФТ, МЗТ Скопје УБ и босанскиот прволигаш Промо.
Василевски потекнува од школата на Јуниор, а мошне млад, како тинејџер дебитираше во сениорска конкуренција.
За МЗТ Скопје, 23-годишниот плејмејкер е трето засилување во текот на летото, по репрезентативецот Лука Стојановски и босанскиот интернационалец Емир Крајиниќ. Шампионот во меѓувреме ги продолжи договорите со легендите Дамјан и Војдан Стојановски, а претстојната сезона, покрај во домашните натпреварувања, ќе учествува и во АБА 2 и ФИБА Европа купот.


