Познатиот македонски тренер Ефтим Богоев е еден од најзаслужните за одличната подготовка на Закари Ризаше во пресрет на драфтот од НБА лигата.
Французинот вчера беше избран како прв пик и кариерата ќе ја продолжи во Атланта Хоукс, а со Богоев тренираше во 2022 година и летово, пред да се одржи драфтот. Ризаше, кој има 19 години, одамна беше меѓу фаворитите за првиот пик, а нашиот стручњак ги отстрани недостатоците во неговата игра и работеше на индивидуален план.
„Закари е исклучително интелигентен, многу дисциплиниран и фантастичен атлет со добра работна навика. Пред се, тој е голем човек со карактер“, изјави Богоев за КОШ.МК.
Струмичанецот долги години работи во САД како индивидуален тренер и низ неговите раце досега поминале голем број кошаркари кои сега настапуваат во НБА лигата: Дени Абдија, Тео Маледон, Крис Киоза, Девонте Кејкок, Теренс Мен, Џастин Џејмс, Брендон Гудвин итн. Своевремено беше македонски младински репрезентативец и настапуваше за голем број македонски клубови, од матичниот Неметали Огражден, преку Струмица, Амак СП, Фени Индустри до Работнички, МЗТ Скопје и повторно назад во Струмица каде ја заврши кариерата.


