Младиот македонски кошаркар Александар Зунзуровски денеска ја освои шампионската титула во Србија, во конкуренција на пионери (У15).

Во големото финале, „црвено-белите“ ја совладаа Мега со 103-98, на крилјата на нашиот голем талент кој беше и најефикасен играч на мечот. За 25 минути во игра, Зунзуровски постигна 34 поени, еден повеќе од Пуртиќ кој беше прогласен за МВП на завршниот турнир. Интересно е тоа што кадетскиот репрезнтативец на Македонија имаше +/- од 13, најмногу во својата екипа што значи дека кога тој бил на терен, Црвена Звезда дала 13 поени повеќе од противникот и, практично, ја направила клучната предност.

Зунзуровски имаше огромен придонес и во одбраната бидејќи беше задолжен за најдобриот играч на Мега сезонава, Босниќ и го задржа на само 16 поени, а во полуфиналето истиот кошаркар постигна 45.

Александар Зунзуровски, кој е роден во САД, неодамна ги заврши сите правни работи околу добивањето македонско државјанство и летово ќе заигра за кадетската репрезентација на Македонија, на Европското првенство Б-дивизија што ќе се одржи во Скопје и Гевгелија. Тоа ќе биде и прва можност за македонската кошаркарска публика во живо да го види 15-годишниот кошаркар пред кого е светла иднина.


