Кадетската репрезентација на Македонија ја оствари и втората победа на Европското првенство Б-дивизија во Скопје откако денеска по голема борба ја совлада Шведска со 75-74.
За вториот триумф, на нашите кошаркари им беа потребни дополнителни пет минути бидејќи испуштија можност целата работа да ја завршат во основните 40. Во поголем дел од мечот беа во водство, но не го скршија отпорот на Швеѓаните кога можеа.
На почетокот од мечот македонските кошаркари имаа проблеми со шутот и на крајот од првата четвртина губеа со 13-17. Не функционираше шутот од дистанца, во воведните 10 минути имаа 0/8 за тројка, а првата погодена беше дури во десеттиот обид. Проблемите со шутот беа надминати со добрата игра во одбрана, па таа придонесе за серија од 10-0 во вториот период со кој Македонија направи пресврт и поведе со 25-24. До крајот на полувреме се играше израмнето, но нашата репрезентација на голем одмор замина со +4 (40-36).
Шведска повторно се врати во предност во третата четвртина, ама нашите го издржаа тој налет и по 30 минути игра водеа со седум поени разлика (61-54). Ако дотогаш не одеше шутот, со три тројки по ред, преку Ѓорѓевиќ, Нешовиќ и Терзиевски, дојдовме до висока предност која можеше да биде клучна ако еден од најдобрите на мечот Цветковски го реализираше зицерот за водство од осум поени разлика, на стартот од последниот квартал. Сепак, не успеа во тоа, па Швеѓаните направија 9-0 за водство од 63-61 и најава за голема драма во финишот.
По неколку промени на водството и израмнувања, Цветковски со едно погодено слободно фрлање на 49 секунди пред крајот се избори за нерешен резултат и за дополнителни пет минути откако двете репрезентации потоа промашија по еден напад. Швеѓаните подобро почнаа во продолжението, први дојдоа во водство, но Македонија со поените на Цветковски и Нешовиќ се избори за водство од 74-71 на 100 секунди пред крајот. Шведска, сепак, израмни со 2+1 по една сомнителна одлука на судиите и се се решаваше во последните 22 секунди. Топката дојде кај Ѓорѓевиќ кој беше фаулиран, но погоди само едно од двете слободни фрлања. Швеѓаните го имаа последниот напад, Новаковиќ доби топка во изгледна позиција и се обиде да поентира, но топката излезе од обрач, за голема радост на домашните навивачи во Кале.
Цветковски со 20 поени беше најефикасен кај Македонија, Ѓорѓевиќ и Терзиевски додадоа по 16 поени, а Нешовиќ уште 10 поени и 8 скока. Два елемента се загрижувачки во нашата игра. Првиот е скокот бидејќи противникот имаше 21 повеќе (65/44), а вториот е инсистирањето на шут за тројка имајќи предвид дека нашите упатија дури 34 удари од дистанца, а погодија само седум. Од друга страна, радува играта во одбраната и фактот што го принудивме противникот на дури 26 загубени топки, двојно повеќе од нас, што не е случајно ако се знае дека Украина во првото коло имаше 29.
Утре е слободен ден на првенството, а в понеделник Македонија се среќава со Естонија што ќе биде директен дуел за првото место бидејќи и противникот е со биланс 2/0. Евентуална победа ќе значи пласман за Македонја во четвртфинале и сигурно прво место во групата.


