Младата македонска репрезентација успешно го почна циклусот подготвителни натпревари пред Европското првенство Б-дивизија што се игра идниот месец.
Прв противник на нашите младинци беше БиХ која во Кале вечерва ја совладаа со 85-55. Иако се очекуваше тежок меч, со оглед на тоа што досега се работеше на физичката подготовка, сепак македонската репрезентација покажа извонредна игра, особено во второто полувреме во кое прими вкупно 21 поен.
Босанците беа рамноправни, па и подобри само во почетната фаза од мечот кога водеа со 6-3. Македонија потоа ја презеде контролата над играта и до крајот на четвртината отиде на 20-9, а откако БиХ се доближи на 18-20 на стартот на вториот период, нашата репрезентација потоа отиде на 40-24.
Отпорот на противникот беше скршен во третата четвртина во која македонските кошаркари примија само шест поени, па се до крајот остана само како формалност и потврда на одличниот натпревар.
Лука Марјановиќ беше најдобар играч во македонската репрезентација, постигнувајќи 16 поени, двоцифрен беше уште Димитриев со 11, но во листата на стрелците се запишаа сите кошаркари во нашиот тим. Вториот пријателски меч против БиХ се игра утре од 18 часот, исто така во Кале.


