Денеска во германскиот граз Фрајзинг беше извршена ждрепката за младинските првенства што ќе се одржат претстојното лето.
Првпат по безмалку една деценија, Македонија нема да има ниедна репрезентација во елитните дивизии, а три во машка и една во женска конкуренција ќе настапат во Б-конкуренциите. Едно од овие првенства и тоа за кадети, ќе се одржи во земјава, во периодот од 6 до 15 август.

Ждрепката не им беше наклонета на нашите репрезентации кои ќе имаат тешка задача, евентуално да остварат пласман во елитата. Кадетите се во група со шест репрезентации и ќе имаат исклучително тежок распоред на првенството во Македонија. Заедно со нив се силните селекции на Хрватска и Украина, како и Швајцарија, Исланд и Кипар.

Јуниорите од 24 јули до 2 август ќе играат на првенството во Хрватска (Ријека и Опатија), а за противници во групата ги добија Шведска, Унгарија, БиХ и Грузија. Младинците можеби имаат најлесна задача, на првенството во Словачка од 10 до 19 јули, но за еден од противниците го добија домаќинот, плус Шведска, Ирска и Азербејџан.

Единствената женска младинска македонска селекција што ќе настапи претстојното лето е јуниорската (У18) која ќе игра на првенството во Романија од 31 јули до 9 август. Нашата репрезентација е во групата Д, заедно со Грција, Словачка, Велика Британија и Данска.

Во периодот што претстои треба да бидат назначени селектори на овие репрезентации кои ќе имаат напорно лето во обид да ги остварат целите.


