У18 репрезентацијата на Македонија ќе биде единствена што претстојното лето ќе игра во А-дивизијата од европските младински првенства.
Јуниорската селекција денеска ги доби противниците за шампионатот чиј домаќин ќе биде Србија од 26 јули до 3 август. Македонските кошаркари се во групата Ц, со Србија, Литванија и Грција и ќе има исклучително тешка работа да оствари добар резултат. Сепак, поради системот на натпреварување, важни ќе бидат натпреварите од нокаут фазата и теоретски е можно со само една победа на првенството, да се обезбеди опстанок.

Во осминафиналето, Македонија би вкрстила со групата Д, каде се наоѓаат селекциите на Шпанија, Белгија, Словенија и Летонија.
Македонската репрезентација обезбеди пласман во елитната конкуренција со триумфот на Европското првенство Б-дивизија што минатото лето се одржа во Скопје. Половина од кошаркарите кои го освоија златниот медал имаат право на настап на претстојниот шампионат.


