Баерн Минхен го победи Кемниц со 91-77 во дуелот на екипите од Бундеслигата кои во своите редови имаат Македонец.
На крајот славеше плејмејкерот на Баерн, Ненад Димитријевиќ против Ѓорѓи Кочов кој е помошен тренер во Кемниц. Одлучи второто полувреме кое тимот од Минхен го доби со 45-32 и со тоа го скрши отпорот на жилавите гости.
Димитријевиќ беше меѓу најзаслужните за триумфот и еден од петтемина од Баерн со двоцифрен ефект. За помалку од 18 минути во игра постигна десет поени, три скока и четири асистенции, а Баерн ги имаше и тројцата најефикасни на овој меч, Ратан Мејс со 16 и Да Силва и Јесуп со по 15 поени.
Со овој пораз Кемниц падна на 12. позиција на табелата со четири бода, но и натпревар помалку од десеттопласираната Вехта, на шест кола пред крајот на основниот дел од сезоната.


