Сезона за заборав има Партизан на секое поле, а екипата не може да крене глава и од малери што ѝ се случуваат постојано.
Со шест порази во низа, „црно-белите“ утре го пречекуваат Олимпијакос на отворањето на 22. коло од Евролигата, а тренерот Жоан Пењароја има големи проблеми околу составувањето на тимот. Дури тројца важни кошаркари се повредија или разболеа последните два дена и нема да бидат во комбинација за дуелот со грчкиот шампион.
Шејк Милтон ја скрши раката на неделниот дуел од АБА лигата против Студентски центар, а во меѓувреме Стерлинг Браун го повреди стапалото, додека Џабари Паркер е болен.
Вчера се наврши точно еден месец од последната победа на Партизан во Евролигата, остварена против најголемиот ривал Црвена Звезда. Олимпијакос ќе биде тврд орев бидејќи се наоѓа во одлична форма и во последните пет натпревари оствари четири победи.


