Откако ги реши сите проблеми околу својата егзистенција и стана јасно дека ќе продолжи да игра во Првата лига, Еуро Никел во следниот период ќе работи на составување на тимот со кој ќе се натпреварува во новата сезона.
Во моментов е јасно дека претседателската функција ќе продолжи да ја извршува поранешниот македонски репрезентативец Кирил Николовски кој на таа позиција е од март, а на тренерската клупа останува Атанас Манев кој ќе ја работи својата втора сезона како шеф на стручниот штаб.
„Најважен момент претстојната сезона ќе ни биде да ја популаризираме кошарката во Кавадарци и да ја вратиме на трибините. Пред се, тоа се однесува на навивачката група ‘Лозари’ и ќе се обидеме со добри игри да им возвратиме за нивната поддршка. Претседателот Николовски веќе презеде мерки и првпат пријавивме младински селекции во четири категории: У12, У14, У16 и У18. Порано игравме само во кадетска и јуниорска конкуренција.
Што се однесува до сениорскиот тим, приоритет ни беше да ги задржиме младите играчи кои потекнуваат од нашата школа. Остануваат Златев, Чаданов и Несторовски и оваа сезона го враќаме Мирков. Тука е и Христијан Тодороски од Прилеп, а си замина само младинскиот репрезентативец Бојчев. Во преговори сме со уште неколку домапни играчи и во следниот период ќе утврдиме кои се позициите кои треба да ги засилиме со странски кошаркари“, рече Манев.
Како што беше објавено во текот на денов, Општината Кавадарци почна постапка за преземање на Кошаркарскиот клуб кој наскоро ќе го врати изворното име и ќе се вика Тиквеш, заедно со името на спонзорот.


