Поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација и актуелен тренер на МКК Куманово, Марин Докузовски е добитник на наградата за животно дело во областа на спортот, која ја доделува Сојузот на спортови на Скопје во рамките на традиционалното доделување на признанијата „13 Ноември“.
Едно од најзначајните имиња во историјата на македонската кошарка доби заслужено признание за долгогодишниот придонес во спортот, тренерската работа и резултатите со кои остави длабока трага во македонската кошарка.
Името на Докузовски засекогаш ќе остане поврзано со најголемиот успех на македонската кошаркарска репрезентација. Како селектор, тој ја предводеше националната селекција до историското четврто место на Европското првенство во Литванија во 2011 година, резултат кој и денес претставува највисок дострел на македонската сениорска кошарка.
Докузовски зад себе има и богата клупска кариера, со трофеи во македонската и бугарската кошарка. Најуспешен тренер е во македонското првенство со седум титули, сите освоени со Работнички каде е клупска легенда.

Меѓу наградените на денешното доделување е и Сашо Кузмановски, спортски новинар со богата спортска кариера, кој веќе 25 години ја извршува функцијата програмски уредник на Спортското радио 90.3.


