Кошаркарскиот дуел меѓу Пелистер и Скопје што се игра вечерва во рамките на четвртото коло од Суперлигата ќе има посебна емотивна димензија.
Во центарот на вниманието ќе биде Марјан Илиевски, тренерот кој шест години беше еден од главните луѓе во создавањето на современата приказна на битолскиот клуб, а сега за првпат ќе се најде на спротивната страна.
Илиевски во Пелистер пристигна во 2020 година, кога клубот почна да гради амбициозен проект со цел да се наметне меѓу водечките сили во македонската кошарка. Во наредните години, под негово водство, битолчани направија сериозен резултатски исчекор и од екипа што се обидуваше да се пробие до врвот прераснаа во редовен кандидат за највисок пласман.
Неговата улога не се сведуваше само на тренерската работа. Во меѓувреме Илиевски беше и генерален менаџер на клубот, учествувајќи во развојот на проектот кој постепено го врати Пелистер меѓу најзначајните имиња во домашниот баскет.
Бројките најдобро го отсликуваат напредокот. Во периодот во кој Илиевски го предводеше Пелистер, битолчани трипати стигнаа до финалето на плејофот во македонското првенство, а еднаш се бореа и за трофејот во Купот на Македонија. Иако последниот чекор до трофејот остана неисполнета цел, континуитетот на настапи во завршниците потврди дека клубот станал сериозен конкурент на најголемите. Пред овие подвизи, единствениот успех на Пелистер беше пласманот во финалето од Купот во 2009 година кога загуби од Амак СП.
По шест години заедничка работа, патиштата на Илиевски и Пелистер се разделија минатото лето. Сега искусниот стратег ќе се обиде да го надмудри клубот во чиј развој имаше значајна улога, овојпат како предводник на Скопје, проект кој почна да го води пред три години и за кратко време направи успех со пласманот во финалето од домашниот плејоф, тогаш под името Маџари. Илиевски ја презеде тренерската функција од Миодраг Тодоровиќ и ќе се обиде да оствари нови успеси со овој клуб. Од друга страна, Пелистер во меѓувреме доживеа тотална трансформација, доби ново раководство, нов стручен штаб и речиси целосно изменет тим со кој влезе во новата сезона.
Дуелот меѓу поранешниот и сегашниот тим на Илиевски е на програмата вечерва во 19 часот во Битола. Пелистер и Скопје во него влегуваат со идентичен биланс – една победа и два пораза.


