Нешто потешко од очекувањата, вицешампионот Пелистер излезе на крај со Академија ФМП со 98-89 во претпоследното коло од основниот дел во Првата македонска кошаркарска лига.
Со оглед на разликата во квалитет и амбициите на двата тима, се очекуваше лесен триумф на битолчани, но до него, четата на Дарко Радуловиќ дојде дури во последните четири минути. Дотогаш Академија ФМП го мачеше големиот фаворит кој минатата недела имаше и меѓународни обврски, на последниот турнир од АБА 2 лигата.
Во првата четвртина, речиси постојано во водство беше гостинскиот тим, Пелистер возврати на стартот од вториот квартал кога поведе и со 41-38, но на голем одмор се замина со предност на Академија ФМП од 47-49. Битолчани го диктираа темпото во вториот дел, меѓутоа на четири минути пред крајот, на семафорот стоеше 84-84. Следуваше клучната серија од 12-0 за сигурни 96-84 на 100 секунди пред последниот звук на сирената, по што и навивачите на трибините можеа да здивнат.
Андреј Маслинко има убедливо најголема заслуга за победата и покрај тоа што уште четворица домашни кошаркари имаа двоцифрен број поени. Репрезентативец заврши со 31, со добар шут од игра (13/17) на што додаде 4 асистенции за индекс 32. Робертс на спротивната страна имаше исто толку поени, со 11 асистенции и 6 скока.


