До почетокот на новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига остануваат уште нешто повеќе од две недели, но атмосферата се зоврива уште сега.
Денеска во Кале, во меч што требаше да биде пријателски и подготвителен, се сретнаа ТФТ и Чаир, но натпреварот не го дочека својот крај поради масовна тепачка во која учествуваа играчи на тимот од Тафталиџе и навивачи на гостинската екипа. На две минути пред крајот дојде до спортски дуел меѓу играчи од двете екипи, од Чаир сметаа дека страртот на кошаркарот на ТФТ бил премногу жесток на што бурно реагираа, се вмешаа и навивачите и дојде до тепачка која траеше неколку минути.
Најдебелиот крај го извлече капитенот на ТФТ, Едис Нури кој во обид да го одбрани помошниот тренер, беше нападнат од неколку лица. Чаирчани тврдат дека имало провокација од ветеранот на противничкиот тим. Од ТФТ изјавија дека случајот е пријавен в полиција и дека ќе поднесат тужба против напаѓачите.
Инцидентот што се случи попладнево во Кале е големо изненадување ако се знае дека двата клуба имаа коректни односи во претходните две сезони, а тоа особено се однесува за тренерите Боро Смилковски и Ерхан Рамадан кои дури и се договараа околу засилувања и си препорачуваа играчи.


