Како што беше очекувано, македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ денеска е прогласен за МВП на основниот дел од сезоната во ВТБ лигата.
Признанието на нашиот кошаркар му беше доделено денеска, во пресрет на натпреварот против Енисеј, во четвртфиналето од плејофот. Уште пред крајот на сезоната беше најавено дека Димитријевиќ ќе биде МВП поради тоа што Уникс го освои првото место плејофот.

„Голема чест е за мене што сум избран за МВП на сезоната. Мислам дека тоа е рефлексија на одличната тимска работа во текот на првенството, победите во големите натпревари и првото место во основниот дел. Им благодарам на ВТБ лигата, на Уникс, на тренерот Велимир Перасовиќ, на медицинскиот персонал и на нашите навивачи. Особено сум им благодарен на соиграчите кои ми помогнаа да станам подобар играч“, изјави Димитријевиќ.
На 35 одиграни натпревари за својот тим, македонскиот репрезентативец просечно постигнуваше по 19 поени, 6,6 асистенции, 3,6 скока и 1,3 украдени топки со индекс 23,9. Уште долго ќе се зборува за неговите фантастични изданија против ЦСКА, особено за последното, пред две недели кога постигна 40 поени и 9 асистенции и индекс 52.
Ова е второ големо признание за Димитријевиќ откако е член на Уникс. Лани тој беше прогласен за МВП на финалната серија во која Уникс, првпат во историјата, ја освои титулата во ВТБ лигата.


