Европската кошарка би можела да стане побогата за едно од најголемите имиња во својата историја.
Според информациите на израелските медиуми, Панатинаикос сериозно размислува да го доведе поранешниот НБА МВП и рекордер по бројот на трипл дабл натпревари, Расел Вестбрук и веќе подготвил спектакуларна понуда.
Наводно, сопственикот на грчкиот великан Димитрис Јанакопулос е подготвен да му понуди договор вреден пет милиони долари по сезона, со што Вестбрук би станал еден од најплатените кошаркари во Евролигата, рамо до рамо со најголемите ѕвезди на натпреварувањето.
Сепак, Панатинаикос не размислува само за Вестбрук. На листата на желби се наоѓа и Дианџело Расел, кој исто така е слободен агент. И двајцата прво ќе ги разгледаат евентуалните понуди од НБА, а дури потоа ќе одлучат дали кариерата ќе ја продолжат во Европа. Дополнителна опција за грчкиот клуб е и 26-годишниот Брендон Вилијамс, кој одигра одлична сезона во НБА.
Панатинаикос и ова лето вложува огромни средства во засилувања и веќе доведе неколку звучни имиња, па евентуалниот потпис на Вестбрук би претставувал еден од најголемите трансфери во историјата на европската клупска кошарка.


