Македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ ќе има можност со својот тим да ја комплетира двојната круна во хрватската кошарка бидејќи Задар обезбеди пласман во финалето од домашниот шампионат.
Откако во февруари триумфираше во Купот, актуелниот шампион сега и ќе ја брани титулата во првенството. Во полуфиналето, Задар со 2-0 го елиминира тимот на Динамо кого во првиот дуел на домашен терен го совлада со 83-68, а во Загреб со 78-67.
Во финалето, задрани повторно ќе играат со Сплит кој беше подобар од Цибона, исто така со 2-0. Задар ќе ја има предноста на домашниот терен, а финалната серија почнува на 23 мај.


